Шпанија ја совлада Македонија со 2:1 во Скопје во квалификациите на фудбалскиот мундијал во 2018 година во Русија. Гостите во целост ја оправдаа улогата на фаворити, домашните успеаја да го поправат впечатокот од првото полувреме во второто, а публиката на „Телеком арена“ и крај малите екрани имаше прилика да поздрави три гола, ефектни моменти и потези за око.
Силва ја поведе Шпанија во водство со 1:0 во 15 минута. На голот му претходеше лоб додавање на Иниеста со Жорди Алба кој упати топка во срцето на шеснаесетникот. Играчот на Сити ја прифати, мајсторски ја исконтролира и иако беше опкружен од еден куп македонски репрезентативци, сепак, успеа да го пронајде патот до мрежата на Димитриевски.
„Фуријата“ ја дуплира предноста во 27 минута. Иско лесно го исфрли Кире Ристевски од игра, неговата асистенција до Коста не ја пресече ниту Алиоски, па адутот во нападот на Антонио Конте не погреши за 2:0.
Третиот гол на средбата, прв за Македонија, беше дело на Стефан Ристовски кој во 33. настап во „црвено-жолтиот“ дрес дочека да го прослави и својот првенец. Сам ја истрча контрата што му ја отвори Пандев и со силен и презицен удар ја „скина“ мрежата на Де Хеа.
https://www.youtube.com/watch?v=bo7pRTuaa84