Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење на предлогот на Влдата да се разреши Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, изјави по денешната седница Петар Аневски, претседателот на Советот.
„На денешната седница членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјаснија по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Македонија. Ние уште денеска ќе го доставиме мислењето до Владата заедно со краткото образложение како што налага законот“, изјави Аневски.
Тој не сакаше да одговори на прашањето од новинарите, кое е образложението на Советот за прифаќање на предлогот на Владата, и рече дека штом постои предлог, тие мора да се изјаснат по него во рок од 15 дена и дека тоа веќе го направиле.
Прашан за неговата претходна изјава дека Зврлевски е „перфектен“ обвинител, Аневски кажа дека тогаш се изразил во суперлативи, додавајќи дека нема забелешки за работата на Зврлевски и дека е добар обвинител.
Тој додаде дека во обвинителствата има голем број обвинители и дека државниот јавен обвинител не може беспрекорно да ја следи работата на сите.
Владата, предлогот и мислењето на Советот ќе го испрати до Собранието кое треба да закаже седница и со просто мнозинство, односно со 61 глас да го разреши Зврлевски.
Додека трае постапката за избор на нов обвинител, в.д. Републички обвинител ќе биде Џељал Бајрами, кој е прв заменик на Зврлевски.