Македонија ќе мора по потешкиот пат до машкото Европско првенство во ракомет во Хрватска во 2018 година. Националниот тим, пред малку, во Суми, Украина, одигра 27:27 со домашната селекција, па место на континенталниот собир ќе мора да брка во недела низ последните 60 минути во квалификациите против Чешка на домашен терен.
„Црвено-жолтите“ одлично го отворија мечот на украинскиот североисток. По првото полувреме имаа се, во второто направија од „готово-вересија“ и наместо рутински два бода, дозволија враќање на „отпишаните“ и поделба на пленот со нив. Се изнапромашуваа зицери, изостана реализација и од изградени и недоволно изградени позиции со изненадувачки желби, не беше искористен пенали, а се разбрани и Игор Чуприна кој го „прочита“ и Дејан Манасков при неговиот крилен влез за победа во буквално последната секунда.
Украинскиот голман го забележа, можеби, најдобриот настап во кариерата. Ги одбиваше заканите на македонските крила, на бековите, фати и удар од седум метри на Кире Лазаров и беше двигател во будењето на својата репрезентација по негативните 30 минути. Неговите интервенции делуваа мотивирачки врз соиграчите на теренот, но и за публиката на трибините која почувствува дека не е се загубено, па стана „ветар во грб“ на домаќинот.
Најефикасен на средбата беше Кире Лазаров со 8 погодоци, Садовји постигна седум за домашната и заедно со Игор Чуприна ја спасија Украина од пораз и ја оставија во игра за пласман на ЕП 2018.
На коло до крајот на циклусот, Чешка е лидер во групата со шест бода, Македонија и Украина имаат по пет, Исланд е последен со четири. Расплетот за позициите што водат во Хрватска е закажан за недела. Исланѓаните се домаќини на Украинците, а „црвено-жолтите“ на Чесите во директен дуел за хрватска виза.
Украина – Македонија 27:27 (14:18)
Спортска сала во Суми. Гледачи: 1.200. Судии: Петер Бруновски и Владимир Чанда (двајцата од Украина).
Украина: Бразњик, Чуприна, Попов, Жуков 3, Акименко 3, Шевелев 5, Денисов 4, Тилте 3, Јужбабенко, Жук, Садовји 7, Бјегал, Кравченко, Северин 2, Бурзак, Кучер. Селектор: Олександр Дудко.
Седмерци: 3/3. Исклучувања: 8 минути.
Македонија: Ристовски, Даскаловски, Манасков 4, Велковски, Стоилов 4, К. Лазаров 8, Митков 1, Талески 5, Миркуловски 4, Н. Маркоски, Георгиевски, Ф. Лазаров, Ојлески, Кузмановски, Поповски, Пешевски 1. Селектор: Раул Гонзалез.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 2 минути.
Квалификации за ЕП 2018 (Хрватска)
Група 4, петто коло
Украина – Македонија 27:27
Чешка – Исланд 27:24
Табела: Чешка 6, Македонија 5, Украина 5, Исланд 4.
Идно коло (18 јуни)
Македонија – Чешка
Исланд – Украина