Фудбалскиот Супер Куп кој го организира УЕФА на 8.август е несомнено настанот кога Скопје би требало да заличи на европска фудбалска престолнина ако се знае дека досега не се одиграло финале на два клуба со можеби најголемите фан-бази во светот, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
А бидејќи заинтересираноста е огромна, се чини дека луѓето кои последни ќе резервираат легло во Скопје ќе треба да платат енормно високи цени за да преспијат во македонскиот главен град.
И додека на социјалните мрежи реакциите од домашната јавност се жестоки за цените кои скопските хотели ги нудат за Европјаните од Англија, Шпанија и останатите земји од светот, според д-р Дончо Таневски, член на ИО на Балканската асоцијација на хотелиери, ваквата практика е нормална низ светот кога има светски настан.
– Понудата и побарувачката ги диктираат цените. Секогаш кога има огромен настан, било каде во светот, цените растат и до четири или пет пати. Тоа не е ништо чудно. Цените не се диктираат и пазарот е слободен. Ако во Скопје на пример има 5.000 легла, а 4.500 се зафатени, сопствениците ги креваат цените а доставуваат понуда. Ако има повеќе вакви настани како Супер Купот во Македонија, бенефит ќе имаат сите, вели Таневски.
Угостителите со кои комуницираше НОВА, напоменуваат дека собите им се речиси целосно резервирани, иако “признаваат“ дека сега цените се повисоки бидејќи има мноогу малку место останато.
А кој друг може да ќари од вака поставените цени? Најблиску до Скопје се Куманово и Велес, каде цените во хотелите се многу пониски од скопските и со само малку пребарување низ Интернет, фановите кои сакаат да ги гледаат Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид во Скопје, можат поисплатливо да поминат ако преспијат во овие градови, а пак да се близу еуфоријата.
Цените во скопските угостителски објекти се и предмет на исмевање во Скопје, ако се знае дека преку “букинг“ пребарувачот, тие достигнуваат и до неверојатни 2 до 3 илјади евра за две вечери.