Собранието утре напладне ќе ја продолжи шестата седница на која ќе продолжи расправата годишниот извештај за работата на Народниот правобранител. По неа следна точка за разгледување е разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ упатија нов услов до своите колеги, да се отвори расправа за измените за Законот за јавнообвинителска служба кои тие го предложија на почетокот на оваа седница минатата недела, а дури потоа да се разговора за разрешувањето на актуелниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
„Ние предложивме закон којшто беше предложен по скратена постапка и одбиен од СДСМ и од ДУИ и сега го пуштивме во редовна постапка тој закон и мислиме дека е подобро да се разгледа“, изјави Илија Димовски, ВМРО- ДПМНЕ.
Претходно, прв пат по 27 април на говорницата застана и пратеникот Крсто Мукоски, кој на снимките од собраниските ходници кои ги објавија медиумите можеше да се види дека ги отвора вратите од Собранието за толпата народ да може да влезе во Законодавниот дом. Во моментот кога Мукоски почна да зборува, пратениците од власта ја напуштија собраниската седница.