Апенините се тресат од најновата трансфер бомба на фудбалскиот пазар. Главната улога ја има Леонардо Бонучи кој му заврте грб на шампионскиот состав на Јувентус и кариерата ја продолжува во Милан. Трансферот на репрезентативниот стопер на Италија, според медумите, е вреден 40 милиони евра и во текот на денешниот ден е најавен да отпатува во Кина, каде „росонерите“ се подготвуваат, и да стави параф на четиригодишен договор.
Богатите кинески газди на Милан очигледно не штедат средства за враќање на клубот на старите патеки на славата. Со прифаќање на нивната понуда, Бонучи со сигурност ќе стане херој во „црвено-црниот“ дел од градот на модата, но и предавник во Торино. На „Сан Сиро“ ќе заработува 6,5 милиони евра по сезона со што ќе стане трет најпплатен фудбалер во калчолигата, а згора на тоа го чека и капитенската лента.
Со привлекувањето на Бонучи паѓа во сенка Лукас Биља кој за 20 милиони евра пристигна во Милан од екипата на Лацио. Со нив двајца, миланезите стигнаа до бројката од десет засилувања во летниот преоден рок. Договори, пред нив, беа потпишани со Матео Мусачо, Франк Кеси, Рикардо Родригез, Фабио Борини, Андре Силва, Хакан Чалханоглу, Андреа Конти и Антонио Донарума.