Победничка премиера имаше Македонија на светското младинско првенство во ракомет во Алжир. „Црвено-жолтите“ во рамки на групата Ц ја совладаа Русија со 29:22 (10:11) за обезбедување на потребниот мир пред дуелите што претстојат против Шпанија, Тунис, Бразил и Буркина Фасо. Арсеновски беше најефикасен со седум гола, Кузмановски постигна шест, Јагуриноски пет, а Талески четири. Одличен беше и голманот Томовски кој забележа 11 интервенции. По пет за „зборнаја“ запишаа Синицин и Масленков.
Зацврстување во одбраната, пробивност и ефикасност во нападот и „спуштање ролетни“ меѓу стативите. Ова го применија младите македонски ракометари во второто полувреме, по „егал“ првото, и посакуваниот исход не изостана на крајот. Неколкуте одбрани на Томовски по паузата беа поттик за составот на Илија Темелковски за решително тргнување во реализација на договореното во соблекувална. Со минување на времето се креваше атмосферата на терен што, пак, беше предуслов за кревање и на самодовербата, но и за послободна рака за решетање на противничката мрежа.
Томовски се стави на браник на репрезентацијата и во завршните десет минути. Македонија во нив влезе со четворица во поле (имаше две исклучувања) меѓутоа чуварот на мрежата на Металург не дозволи на Русите да ја искористат бројчаната предност на теренот и да внесат немир и нервоза меѓу „црвено-жолтите“ и неизвеност во мечот.
Утре е слободен ден за Македонија на првенството, а наредниот меч е во четврток (21 ч.) против Буркина Фасо.
Македонија – Русија 29:22 (10:11)
Спортска сала: „Омниспорт Хацене Харча“ во Алжир. Гледачи: 2000. Судии: Миклош Андорка и Роберт Хукер (двајцата од Унгарија).
Македонија: Томовски, Даниловски, Лазаревски, Димитриоски, Јагуриноски 5, Нелоски 1, Танкоски, Велковски 2, Шилегов, Петровски, Талески 4, Кузмановски 6, Крстевски, Џонов, Палевски 4, Арсеновски 7. Селектор: Илија Темелковски.
Седмерци: 1/1. Исклучувања: 8 минути.
Русија: Верешчагин, Заболотин, Ѕемин, Синицин 5, Болотин, Ухваркин, Санталов 4, Ермаков 2, Михалин, Виноградов 2, Ларин, Дашко 4, Фурцев, Фокин, Маслеников 5, Шарков. Селектор: Степан Сидорчук.
Седмерци: 1/2. Исклучувања: 8 минути.
СП во ракомет (У21) – Алжир
Група Ц, 1 коло
Македонија – Русија 29:22
Тунис – Буркина Фасо 50:17
Шпанија – Бразил 29:21
Група А, 1 коло
Германија – Унгарија 25:21
Фарски Острови – Чиле 31:28
Норвешка – Јужна Кореја 31:29
Група Б, 1 коло
Франција – Египет 36:30
Група Д, 1 коло
Хрватска – Саудиска Арабија 32:26