Челзи го положи оружјето во воведниот меч од новата сезона во Премиерлигата. И тоа на својот „Стемфорд бриџ“. Барнли ги однесе трите бода за Ланкашир по големиот триумф со 3:2 како најава за трнливиот пат што ќе мора да го мине составот на Антонио Конте за останување на тронот.
Превртниот момент, се чини, се случи во 15. минута во која стартот на Гери Кејхил беше оправдано оценет со директен црвен картон од главниот судија Крег Поусон по што почна потопот на „сините“. До паузата следуваа два гола на Сем Воукс (24 минута и 43 минута) и еден на Вард (39 минута) за неверување на 41.616 гледачи на трибините.
Ништо значајно не донесе ниту првата третина од продолжението што беше сигнал за Конте да посегне по нова замена по принудната со Кристенсен наместо Џереми Бога по исклучувањето на капитенот. Во обид да спаси што може во игра го уфрли Алваро Мората кој, пак, само десет минути подоцна му возврати со гол за намалување и будење на надеж на трибините дека пораз може да се избегне.
Но, завршницата ги откажа дури и најоптимистичните во такво сценарио. Сеск Фабрегас по вторпат влезе во бележникот на Поусен и во 81 минута се придружи на Кејхил во соблекувалната. До крајот „сините“, сепак, успеаја до дополнително ублажување на бламажата меѓутоа не и да ја избегнат. Давид Луиз, по асистенција на Мората, го совлада Хитон за 2:3 што остана и конечен резултат.
https://www.youtube.com/watch?v=W8a7QETWURo
„Гудисон парк“ го поздрави кам-бекот на Вејн Руни во дресот на Евертон по пауза од 13 години. Напаѓачот, кој ова лето се врати од Манчестер јунајтед меѓу „карамелите“, се оддолжи со гол во судиското надополнување на првиот дел против Стоук што беше и единствен по истекот на 90. минути.
https://www.youtube.com/watch?v=4sf6VdymOmE
Ливерпул ги имаше трите бода во џеб на гостувањето на „Викариџ роуд“, но понесе само еден кон Градот на Битлси. Вотфорд успеа да ги фати „црвените“ дефанзивци на „спиење“ во третата минута од екстра времето за конечни 3:3. За домашните претходно реализираа Стефано Окака во осмата минута и Абдулае Дукур во 32. Стрелци за тимот на Јирген Клоп беа Мане во 29 минута, Фирмињо од пенал во 55. и Мохамед Салах во 57.
Премиерлига, 1 коло
Челзи – Барнли 2:3
Евертон – Стоук 1:0
ВБА – Борнмут 1:0
Саутемптон – Свонси 0:0
Кристал палас – Хадерсфилд 0:3
Вотфорд – Ливерпул 3:3
Арсенал – Лестер 4:3