Може да се опише како сакате – маестро против чирак, легенда против новајлија, искуство против младост, ветеранска сага против темперамент, но Роџер Федерер и Франсис Тифо го одиграа мечот на денот на Ју-Ес опен што понуди драма, неизвесност и пет сета под покривот на „Артур Еш“, централниот терен на „Флешинг Медоу. Сопственикот на 19 гренслем титули мораше добро да се намачи и испоти против 19 годишното момче од Мериленд да не дозволи сензација и на машкиот дел од турнирот. И не дозволи. Конечни 4:6, 6:2, 6:1, 1:6, 6:4 за Швајцарецот кој беше непрепознатлив во првиот настап во Њујорк.
„Во мечот влегов со последици од повредата на грбот од Монтреал што сè уште ги чувствувам. Затоа и моите движења беа попретпазливи од вообичаените. Не се чувствував добро, очите не го следеа топчето како треба, правев и погрешни проценки. Во вториот сет работите дојдоа на свое што беше добро за мене, но не и најдобро. Доста осцилирав додека Франсис одигра одличен меч“, ја образложи Федерер својата бледа партија во првото коло на Ју-Ес опен.
Сепак додаде дека е среќен што и во таков сплет на околности го добил мечот и изрази надеж дека ќе биде од големо значење за него во настапите што следуваат.
„Се надевам дека ќе имам повеќе доверба во моето тело и ќе го подигнам нивото на игра. Се надевам дека од ден во ден ќе биде подобри и ќе извлечам доста позитивни работи“, додаде Швајцарецот кој во второто коло го чека подобриот од мечот меѓу Блаж Кавчич и Михаил Јужњи.
Покрај Федерер, настап во вториот натпреварувачки ден на Ју-Ес опен забележа и Рафаел Надал кој во три сета го елиминира Србинот Душан Лајовиќ со 7:6, 6:2, 6:2. Сите други мечеви беа откажани поради дожд што им прави големи проблеми на организаторите на турнирот.
Слично беше и кај дамите кои успеаја да финишираат во седум меча во Њујорк. Сензација приреди јапонската тинејџерка Наоми Осака која беше кобна за бранителката на трофејот, Анџелик Кербер со 6:3, 6:1.
Ју-Ес опен – натпреварувачки ден 2
Мажи, 2 коло
Федерер (3., Швајцарија) – Тифо (САД) 4:6, 6:2, 6:1, 1:6, 6:4
Надал (1.., Шпанија) – Лајовиќ (Србија) 7:6, 6:2, 6:2
Жени, 1 коло
Ка. Плишкова (1., Чешка) – Линет (Полска) 6:2, 6:1
Осака (Јапонија) – Кербер (6., Германија) 6:3, 6:1
Остапенко (12., Летонија) – Арубарена (Шпанија) 6:2, 1:6, 6:1
Кејс (15., САД) – Мертенс (Белгија) 6:3, 7:6
Стрицова (23., Чешка) – Дои (Јапонија) 6:1, 6:3
Викмаер (Белгија) – Цуренко (28., Украина) 6:3, 6:1
Кирстеа (Романија) – Керхове (Холандија) 6:1, 6:3