Фудбаскиот пазар е заклучен, цехот затворен, сметката направена. Со финансиското работење на клубовите и воопшто националните првенства, пред се водечките пет во Европа, се позанимава групацијата „Дилојт Спорт Бизнис“ чија калкулација покажа дека Премиерлигашите остануваат рекордери со потрошени 1,4 милијарди фунти на трансфери или 23 отсто повеќе од лани. Дури 210 милиони фунти отпаѓаат на шопинг во последниот ден на преодниот рок.
Иако „боли глава“ од бројките, сепак, билансот на „Дилојт Спорт Бизнис“ е поткрепен и со анализа која вели дека ниту еден од клубовите не е во опасност од банкрот или запаѓање во финансиска криза за што, како „ангел чувар“, меѓудругото, се наведуваат вносните договори за ТВ права.
На второто место по „галантност“ за засилувања е Серија А со 735 милиони фунти, трета е француската Лига 1 со 590 милиони фунти, бундеслигашите потрошија 550 милиони фунти, последна од најсилните пет шампионати во Европа е шпанска Примера со 500 милиони фунти.
Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Барселона се клубовите кои остварија профит, а Милан се нотира како субјект со дефицит од 162 милиона евра. Тоа се само дел од „континенталните“ податоци. Парцијаално гледано, само за Премиерлигата, позитивно салдо имаат Арсенал, Свонси, Стоук, Барнли и Тотенхем.
Манчестер сити покажа „најшироки гради“ со издвоени 215 милиони фунти за нови имиња во соблекувалната на Пеп Гвардиола. Челзи потроши 180 милиони, зад нив се Евертон и Манчестер јунајтед кои исплатија по 145 милиони.
Најголем дел од средствата на премиерлигашите беа насочени кон засилувања надвор од Британија, „внатрешни“ ангажмани ги чинеа 545 милиони фунти што исто така претставува рекорд. Ѕвезда на преодниот рок, по висина на трансферот, е Ромелу Лукаку кој за 90 милиони евра се стави под команда на Жозе Мурињо.