Репрезентацијата на Словенија е на врвот на кошаркарска Европа. „Змајчеки“ во финалето на континенталното првенство во Истанбул ја совладаа Србија со 93:85 (по четвртини: 20:22, 36:25, 15:20, 21:18).
Горан Драгич беше лидер на словенечкиот тим до историскиот успех. Кошаркарот на Мајами „експлодира“ во мечот за титулата во „Синан Ердем Дом“ и вгради 35 поени, седум скока (два офанзивни и пет дефанзивни), три асистенции и две „украдени“ топки во триумфот над Србија. Со кош 21 го следеше Препелич, двоцифрен беше уште Ентони Рендолф (11).
Најефикасен во српската селекција беше Богдановиќ со 22 поена, Мачван додаде 18.
Словенија заслужено ја наследи Шпанија на тронот. Во полуфиналето ја елиминира страшно моќната „црвена фурија“ со 20 поени разлика (92:72), во групната фаза ја декласира и Франција, третопласирана од ЕП 2015, а сега и сребрената репрезентација од олимписките Игри во Рио де Жанеиро.
Шпанија, пак, со идентичен резултат (93:85) ја порази Русија во натпреварот за трето место на ЕП 2017.
ЕП 2017 во кошарка
Финале
Словенија – Србија 93:85 (по четвртини: 20:22, 36:25, 15:20, 21:18)
За трето место
Шпанија – Русија 93:85 (по четвртини: 21:13, 24:15, 21:27, 27:30)