Неколкумина лица денеска се приведени и изведени пред судија на претходна постапка, објави порталот „Судство.мк“. Лицата се приведени под сомневање дека направиле злоупотреба на службената положба и овластување за сторени злоупотреби со земјоделски субвенции.
Според вршителот на должност претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, полицијата со приведување на осомничените започнала уште од девет часот наутро, но тој не знае колку лица се осомничени и до кога ќе трае приведувањето.
Од МВР за НОВА ТВ ја потврдија акцијата, но велат дека се уште немаат никакви детали и најавуваат повеќе детали во текот на денот.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски додека беше технички министер предупредуваше дека во изминатите десет години незаконски се делеле субвенции на фирми блиски до тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски тогаш рече дека пратеничката Весна Пемова и водителот Миленко Неделковски се само дел од имињата блиски на власта кои добивале државно земјиште за користење и земјоделски субвенции.