По пријава на граѓанин полицијата го пронашла и привела еден од тројцата осомничени за насилните протести во Собрание на 27. април. Приведен е Оливер Ошавковски, лицето кое на фотографијата што ја објави МВР е со качкет на главата. Информацијата за НОВА ТВ ја потврдија соседи на Ошавковски во Хром, кои велат дека пред триесетина минути во неговиот дом пристигнале полициски Алфи и го однеле во полициска станица.
Од МВР засега ниту ја демантираат, ниту ја потврдуваат информацијата. Повеќе информации најавија во текот на утрешниот ден.
МВР денеска јавно објави фотографии од три лица кои влегле во Собранието на крвавиот четврток, заради потребите на истражната постапка што се води во Основното јавно обвинителство –Скопје и ги повика сите граѓани кои имаат било какви сознанија за лицата, за тоа веднаш да го известат МВР.
Каква е нивната инволвираност во настаните од 27. април засега органите на истрагата не откриваат. Но, соопштија дека тројцата се важни за истражната постапка.