Отворениот и напнат состанок на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, може да се сведе на две клучни точки: длабоко несогласување околу прашањето за Косово и продолжување на притисокот за прекинување на блискиот однос со Русија, пишува весникот „Вечерње новости”.
Како што наведува весникот, повикувајќи се на извори од опкружувањето на Вучиќ,токму овие две теми биле дискутирани во Палатата Србија, откако еден ден претходно стигна порака од Ји – дека Белград повеќе нема да може да седи “на две столици”.
Овие констатции се содржани и во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател кое е објавено 5 часа по средбата.
Ниту лично Вучиќ, ниту Кабинетот засега не ја коментираше изјавата на Ји на Српскиот економски самит во Белград со пораката дека Србија мора да избере страна и не може да седи на две столчиња, алурирајќи на аспирациите на земјата за членство во ЕУ и истовремено блиската соработка со Русија.
-Постои српска изрека: Не може да седите на две столици истовремено, изјави Ји во понеделникот на Самитот, и тоа на српски јазик.
Министерството за надворешни работи на Русија оцени дека Хојт Брајан Ји во текот на престојот на Белград, како што се наведува, си дозволил низа провокативни изјави насочени кон поткопување на руско српската соработка.
-Американскиот дипломат грубо барал од Белград да ја преиспита својата соработка со Москва и да се фокусира врз приближувањето кон Европската унија, наведува руското Министерство, забележувајќи дека Вашингтон „веројатно не знае дека многу членки на Унијата во голема мера соработуваат со Русија“.
Вчера српскиот министер за одбрана Александар Вулин рече дека изјавата на заменикот помошник државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји е досега „најтежок јавен и многу недипломатски притисок врз Србија“ и нејзиното право самостојно да одлучува.
– Не знам каква ќе биде позицијата и одговорот на претседателот Вучиќ, но сигурен сум дека ќе умее да се избори со притисоците, како што умееше и досега, изјави Вулин за Танјуг.
Вулин истакна дека ова не е изјава на пријател, додавајќи дека Србија своите одлуки ќе ги носи сама, без оглед на тоа колку се големи оние кои сметаат дека можат да одлучуваат наместо Србија.
Сите српски функционери со кои Ји се сретна вчера, премиерката Ана Брнабиќ и потпретседателката на Владата Зорана Михајловиќ, изјавија дека политиката на Србија е јасна – оди во ЕУ без разлика на туѓите перцепции за тоа.