Северна Кореја денес го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да се воздржи од “неодговорни коментари”.
Трамп вчера го започна своето 12дневно патување во Азија, најдолго патување за еден американски претседател во последните 25 години.
Родонг Синмун, весникот на северно-корејската партија, напиша дека некои Американци бараат Доналд Трамп да биде сменет бидејќи неговите остро изјави би можеле да доведат до “нуклеарна катастрофа на американскиот континент”. Весникот додава дека Трамп е “духовно нестабилен”.
Своето патување во Азија Трамп го започна во Јапонија и изјави дека “ниту еден диктатор” не треба да ги потценува САД. Не е потребна посебна анализа за да се разбере дека Трамп мисли на Северна Кореја, земја поради која Американецот и тргна на долг пат во Азија што го води во пет земји.
“Никој, ниту еден диктатор, ниту еден режим и ниту една нација не треба, никогаш, да ја потценат определеноста на Америка”, изјави тој во пилотска униформа пред американските војници во воената база во Јокота на запад на Токио.
За време на летот до Токио, во разговор во новинарите што го придружуваат, Трамп испрати порака до Северно-Корејците:
“Мислам дека тие се добри луѓе, работници, посрдечни отколку што светот мисли.”
Експертите тврдат дека нуклеарната програма на Северна Кореја брзо се развива и тоа внесува немир во светот поради заканите за употреба на сила против САД. Светската јавност веќе со месеци присуствува на острите препукувања помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг и навреди што преку медиумите си ги испраќаат северно-корејскиот диктатор и Трамп.
По Токио, Трамп оди во Јужна Кореја, па во Кина а од таму заминува на самитот на АПЕК (Економска соработка помеѓу Азија и Пацификот) во Виетнам каде што ќе се сретне со Владимир Путин.
Во решавањето на проблемот со Северна Кореја Трамп очекува помош токму од рускиот претседател.
“Очекувам да се сретнам со Путин. Ја сакаме неговата помош околу Северна Кореја, а ќе се видам и со голем број други лидери. Мора да го решиме овој проблем”, изјави Трамп.