Карло Анчелоти e вистинското решение за селектор на Италија смета легендарниот тренер Фабио Капело. Ваквиот став на легендарниот италијански тренер доаѓа во пресрет на реванш баражот на „азурите“ против Шведска за пласман на СП 2018 во Русија. Скандинавците го добија првиот меч со 1:0, возвратната средба е вечерва (20,45 ч.) на „Сан Сиро“ во Милано.
„Анчелоти е во вистински години. Има одлично искуство и му недостасува еден таков ангажман да биде комплетен“, смета Капело, поранешен тренер на Милан, Јувентус, Рома, Реал Мадрид и селектор на Англија и на Русија, моментно на клупата на кинески Џангсу Сунинг.
Капело никогаш во кариерата не застана на чело на италијанската репрезентација. Вели нема ниту да застане бидејќи е посветен на клупската работа.
„Јас завршив со репрезентациите“, нагласи предводникот на Гордиот Албион од 2008 година до 2012 година и на „зборнаја“ од 2012 година до 2015 година.
За него би било трагедија доколку Италија не успее преку Швеѓаните до Русија.
„Како фудбалска нација сме познати по нашата одбрана, но мора да проучите и кого имате наспроти себе. Ќе биде трагично ако не се пласираме на Светското првенство во Русија. Не можам да се сетам кога последен пат сме пропуштиле мундијал. Чинам беше 1958 година, тогаш бев дете“, заврши Капело.