Данските фудбалски репрезентативци и навивачи до долго во ноќта го славеа пласманот на Светското првенство во Русија. По резултатскиот дебакл што избраниците на Аге Хареиде и го приредија на Република Ирска (5:1) на стадионот „Авива“ во Даблин и последниот свиреж на полскиот арбитар Шимон Марцинијак, се тргна со забава. Играчите ја започнаа со полевање со шампањ на теренот по што продолжија со пиво и песна во соблекувалната.
Поштеден притоа не беше ниту нивниот поранешен соиграч, а сега ко-коментатор на „Еуроспорт“, Ларс Јакобсен и водителката. Обајцата беа полеани во импровизираното студио на тревникот, а по задолжителните изјави и првични импресии забавата се пресели во соблекувална и траеше уште долго по средбата. Главна фаца беше Никлас Бендтнер, моментно член на Розенборг, а претходно и на Арсенал, на Волфсбург, на Јувентус, кој ги анимираше репрезентативните колеги.
„Ирците ги ставија сите карти на напад и тоа ме изненади. Со формацијата 4-4-2 го ослободија Ериксен за што можам само да му се заблагодарам на нивниот селектор. Не смеете да оставите толку простор за Ериксен. Важи за еден од најдобрите фудбалери во светот на неговата позиција“, истакна данскиот селектор Аге Хареиде.
Ериксен мечот го заврши со хет-трик. Во листата на стрелци се впиша во 32 минута, во 63 минута и во 74.. Стрелец на првиот гол за Данците беше Кристијансен, печат на еден од најтешките порази во фудбалската историја на Република Ирска стави токму Бендтнер од пенал во 90 минута. Погодокот за домашните беше дело на Дафи уште во шестата минута. Воведниот меч меѓу овие две селекции на стадионот „Паркен“ во Копенхаген заврши без голови.