Македонија има современ дигитален комуникациски радио систем за полициските службеници кој може да опслужи 6.000 корисници, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар присуствуваа на презентација на ТЕТРА системот во СВР Скопје.
– МВР во подготовката на ТЕТРА системот е вклучено од самиот почеток. Од 2005 година, со подготовката на физибилити студија, се до денеска. Благодарение на поддршката на ЕУ имаме современ дигитален комуникациски радио систем. Овој систем треба да го користат и другите служби кои се дел од јавната безбедност, како и брзата помош противпожарната бригада, рече Спасовски.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар информираше дека ЕУ доделила 20 милиони евра за овој проект кој е имплементиран во три фази. Жбогар рече дека денеска дознал дека ТЕТРА системот покрива 99 проценти од територијата на Република Македонија.
Тогашниот министер за внатрешни работи Агум Нухиу во мај годинава, во интервју за телевизија Алсат откри дека од 2014 година не функционира интерниот систем за снимање на командите во МВР. Тоа значи дека не се чуваат докази кој кому издавал наредби во полицијата, кој одбил или постапил по командите.
Ова беше актуелизирано по настаните на 27 април во Собранието, бидејќи токму поради нефункционирањето на овој систем не може да се открие кои разговори во МВР не се снимени на крвавиот 27. април, дали полицајците барале засилување, јавил ли некој од нив на своите старешини дека пратениците им асистираат на насилниците и ги отвораат вратите од Парламентот за да влезе толпата, какви команди издавал Оперативниот штаб на чело со директорот на БЈБ Митко Чавков?
Четири милиони евра пари на ЕУ за блокиран комуникациски систем во МВР