Марија Шарапова во нови проблеми. Руската тенисерка се соочува со можна затворска казна во Индија доколку се докаже дека е виновна во случајот со манипулација со луксузни станови. Весникот „Тајмс оф Индија“ најавува дека популарната Маша би можела да се најде на листата на обвинети во проектот за изградба на станбени згради наречен „Балет Шарапова“ што требаше да заврши во 2016 година, но неговата реализација сè уште не е почната.

Шарапова, пишува весникот, и лично била во посета на градот Гургаон, југозападно од Њу Делхи, за промоција на проектот. Индиските закони предвидуваат казна затвор и до седум години за ваков вид на манипулација. По мирните шест месеци од суспензијата поради користење на забранетата супстанција „Мелдониум“, руската тенисерка сега би можела да западне во нов турбулентен период што може да се одрази и во подготовките за новата сезона на ВТА турот.