Зголемување на цената на паркинзите и рестрикции во паркирањето во централното градско подрачје, поголемо расчистување и одржување хигиена, зголемување на зеленилото, гасификација, воведување автомати за прочистување воздух во училиштата и градинките. Ова се дел од мерките на општина Центар за намалување на загадувањето на воздухот.
Градоначалникот Саша Богдановиќ денеска информира дека во тек се разговори со БЕГ за што повеќе домаќинства што се греат на дрва да се приклучат на централно грење. Најави дека за следната недела е предвидено Советот да донесе одлука за да се забрани градење кога е најзагадено, за што потоа ќе им биде потребна согласност од градските власти.
– Во 2018 година предлагаме нови сообраќајни режими со цел за да се зголемат капацитетите за паркирање и да се воведат зони на мирно возење во општина Центар и да се ограничи дотурот на стока, рече Богдановиќ.
Најави дека Општина Центар нема да троши пари за прослава на Новата година. Со помош на спонзорства, жителите на Центар и сите граѓани, ќе можат да ја пречекаат 2018 година на скверот „Јадран“ со македонски пејачи, без класична бина. Околу шест милиони денари, предвидени за новогодишната прослава, ќе се пренаменат за зголемување на хигиената и социјална помош.