Кристијано Рпналдо, сепак, ќе биде подготвен за утрешното „Ел Класико“ во Примера, пренесуваат шпаските медиуми.
Изминатите неколку денови имаше дилеми дали освојувачот на Златната топка ќе биде фит за спектаклот на „Сантијаго Бернабеу“, а навивачите на „кралскиот“ клуб беа дополнително загрижени за статусот на Португалецот од причина што вчерашниот ден тренираше сам и без топка.
Ѕвездата на Реал Мадрид влече проблеми со мускулот на ногата што се појавија за време на финалето против Гремио на Светското клупско првенство во Абу Даби.
Но, денешниот ден донесе дијаметрално спротивна слика од тренинг кампот на мадриѓани. Роналдо работеше со полн капацитет заедно со соиграчите, па оттука и очекувањата да биде во стартниот состав на Зинедин Зидан против Барселона.
Французинот, освен Роналдо, не се соочува со други сериозни кадровски проблеми за разлика од Ернесто Валверде кој не може да смета на повредените Делофеу и Умтити, а неизвесни се и Рафиња и Дембеле.
Мечот на „Сантијаго Бернабеу“ е утре од 13 часот.