Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Христијан Мицковски, во Брисел имаше повеќе средби со високите функционери на ЕУ. Тие се сретнаа и со двајца европски пратеници Едвард Кукан од Европската народна партија и Кнут Флекенштајн од Социјалистичката група.
НОВА разговараше со нив за нивните впечатоци од новото на раководство на ВМРО-ДПМНЕ за идните охрабрувачки чекори што ги ветила опозициската партија и за проблемите што Мицковски, Александар Николовски и Влатко Ѓорчев ги посочиле во Брисел.
Во разговорите темата на 35те илјади амандмани речиси и да не била спомената па пратениците се уверени дека на овој чекор не треба да му се придава големо внимание. За нив е најважно што ВМРО-ДПМНЕ одлучила да се врати во Собранието и да биде конструктивна опозиција.
Едвард Кукан
Благодарам г-дин Кукан за ова интервју. Имавте средба со делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, со новиот престедател. Моето прво прашање е директно: повеќе од 35.000 амандмани на Законот за јазици. Дали во вашата долга политичка кариера сте виделе толкав број амандмани? Дали сакаат да влезат во Гинисовата книга на рекорди или целта е блокирање на Собранието?
Кукан: Не, досега не сум видел 30.000 амандмани. Знам што предложила ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазици но позитивно е тоа што се враќаат во Парламентот за да учествуваат во дебатите. Тој Закон е доста контрадикторен и ова е прва мерка во таа дебата. Кога ќе се воспостави значаен дијалог во Парламентот тие ќе станат пореални. Не треба да се почне со ваков број амандмани ако сакате компромис.
Што би им порачале на владината коалиција и албанскиот коалиционен партнер?
Кукан: Јасно и кажавме на владата дека тие имаат голема одговорност за земјата по долгиот дестабилизирачки период. Сега владата може да се фокусира на позитивните работи потребни на земјата, како реформите. Тоа е тешко и бараме од нив дијалог со опозицијата бидејќи прашањата што се решаваат се за иднината на земјата, како членство во ЕУ и НАТО. Треба да ја чујат опозицијата и процесот треба да биде инклузивен. Без опозицијата нема трајни решенија. Охрабрен сум по средбата со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ми рекоа дека се подготвени да играат улога на позитивна и конструктивна опозиција. Велат дека оваа соработка мора да оди во двете насоки. Ако дадете нешто, треба за возврат нешто да добиете. Тоа е фер позиција. Новиот претседател на партијата беше на средба за името со претседателот на државата и премиерот и Али Ахмети. Ме уверија дека ќе учествуваат и во работата на Собранието. Јасно им е кога ние им велиме дека тие како опозиција треба во некои прашања да бидат конструктивни да играат позитивна улога за иднината на земјата.
Ви рекоа ли каков е нивниот став за решавање на овој проблем со амандманите за Законот за јазици?
Кукан: Законот за јазици не го дискутиравме во детали. Но за мене најбитно што се подготвени да отворат дијалог. Не само на оваа тема туку и во други реформски закони. И рекле на владата дека немаат амандмани за два закони а третиот се дебатира во работни групи составени од владата и опозицијата. Тоа охрабрува и тоа е нормална соработка меѓу владата и опозицијата.
Македонија значи може да се надева на политички консензус за многу прашања?
Кукан: Не е лесно да се постигне политичко единство по многу прашања. Но опозицијата останува опозиција а владата влада и не очекуваме дека секој ден ќе се прегнуваат, но дека се одговорни за народот и земјата. Македонија загуби многу време. Не само поради самата земја туку и поради други партнери во ЕУ процесот. Предолго е да се биде кандидат 10-12 години. Се надеваме сите дека оваа нова ситуација во земјата дека ќе оди кон добивање датум за преговори со ЕУ. Тоа би бил конкретен резултат што ќе ја турне земјата напред.
За Законот за јазици уште едно прашање. Дали овој закон беше итен ако имаме на ум дека не очекува стратегија на Европската комисија, во април годишните извештаи на Комисијата, во мај самитот во Софија а во јуни самит во Брисел? Македонија се надева на старт на преговори а многу реформи се приоритетни.
Кукан: Се согласувам со вас дека следните месеци ќе бидат важни за процесот за проширување. Позитивни чувства има во ЕУ институциите за Македонија. Потребно е земјата да покаже конкретни резултат во реформите но и Законот за јазици е значаен, суштински. Ако сето ова биде направено, тогаш тоа ќе биде голем чекор што може да им помогне на ЕУ институциите да и дадат тоа што земјата го заслужува.
Значи не влегуваме во нова политичка криза?
Кукан: Немам таков впечаток. Не сакам да бидам преголем оптимист и мислам дека е време за реален политички живот во Македонија.
Последно прашање. Дијалогот во куќата на Жан Моне во Париз е одложен за март?
Кукан: Сакам да објаснам дека не станува збор за одложување. Немавме фиксирано датум. Дискутиравме со партнерите за можни датуми. Се надевам дека брзо ќе се сретнеме но некои прашања треба да бидат решени без овој дијалог. Ако добро разбрав, луѓето во Македонија мислат дека ова е заради спорот со името. Не! Не, воопшто не! Некои работи треба да се разјаснат. Дијалогот на политичките парламентарни партии со нас е развивање на политичка култура и начин за барање компромис. Но нема врска со законот за јазици или спорот со името. Оттука ние се обидуваме да ги расчистиме сите пречки за да имаме суштински дијалог а датумот не е толку битен. Сакаме датум што ќе дозволи вистински суштински дијалог. Така не сакам да зборуваме за одложување. Само се обидуваме го најдеме вистинското време.
Благодарам.
Кнут Флекенштајн
Дали сте запознаени со фактот што опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35.000 амандмани во Собранието за Законот за јазици?
Флекенштајн: Не, не сум во тек, за тоа не разговарав со новото претседателството на партијата што вчера беше кај мене. 45.000?
35.000
Флекенштајн: Тоа му доаѓа исто. Тоа е повеќе провокација а не вистинската собраниска работа. Морам да признаам дека нашиот разговор вчера беше доста конструктивен.
Значи Македонија не влегува во нова политичка криза?
Флекенштајн: Јас се надевам дека е така. Разговорите вчера беа доста поинакви од порано. Од друга страна, има важни разлики меѓу опозицијата и владата за законот за јазици, а за името забележав конструкивни размислувања за тоа како да се реши проблемот. Но, и многу загриженост од претседателот за економската ситуација и за владеењето на правото.
Што точно од владеењето на правото?
Флекенштајн: Како членовите на парламентот биле уапсени и прашањето на имунитетот. Не знам дали е точно, јас само ги добив информациите и ќе ги следам настаните.
Што му порачавте на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ?
Флекенштајн: Пораката беше дека владата и опозијата имаат различни ставови но мораат барем да се обидат да се доближат кога се работи за вистински клучни проблеми во рамките на европската интеграција или за земјата. Да се биде што е можно поконструктивен, околу спорот со името на пример. Двете страни треба да видат дали можат да се согласат, а ако не, има референдум. Не мораат за се да се согласат но треба да се обидат. Ова не е работа само за опозицијата туку и на владата којашто треба да помогне да се дојде до доближување.
Имате ли порака за владата?
Флекенштајн: Треба да кажам дека владата досега добро работи и многумина во Брисел го делат овој став. Кога се работи за стабилност, добрососедство, обид да се најде процеп во спорот со името е многу важно. Но важно е и владеењето на правото и економијата. Ние не сме учители да им кажуваме што треба да прават но треба да видиме како да дадеме поддршка за да има подобри резултати. Ние сакаме да изградиме иднина за младите луѓе во Македонија.
Дали Македонија ќе може да ги започне преговорите за членство со ЕУ годинава?
Флекенштајн: Мислам дека имаше добар старт но сега е важно да се покажат резултати и во други политички полиња. Ако ние можеме да направиме нешто за да ги доближиме Грција и Македонија, тоа и ќе го направиме затоа што спорот со името мора да биде решен. И Грците мораат да бидат подготвени на компромис бидејќи без тоа спорот нема да се реши.
Дали има европски притисок врз Атина?
Флекенштајн: Тие секако знаат дека ние бараме конкретни резултати. Нема да зборувам за вистински притисок или закани, но ние во групата го поканивме грчкиот министер за надворешни работи на разговор. Знам дека комесарот Хан и Могерини и други се обидуваат да ги убедат Грците велејќи им – да, знаеме дека прашањето не е лесно но, ако гледаме напред кон подобра заедничка иднина мора да има компромис од двете страни.