Во Кривичниот суд денеска почнува повтореното судење за случајот „Монструм“.
Судењето стартува од почеток, кај судијата Огнен Ставрев, бидејќи Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда и предметот го врати од почеток, и тоа по барање на Вишото јавно обвинителство.
Одбраната верува во позитивен епилог.
–Постои опција СЈО да го преземе случајот бидејќи тоа се уште го истражува случајот а и не е одлучено кој од обвинителите од организираниот криминал ќе го презентира, па мислам дека постои и оваа опција. Ако нема одложување од техничка природа, условно, мислам дека за четири седници ќе се затвори случајот во прв степен. Случајот наскоро ќе има епилог, вели адвокатот Насер Рауфи.
Роднините на осомничените се надеваат на нивно целосно ослободување од вина. Тие веруваат дека доказите кои ги поседуваат двете обвинителство ќе ја потврдат невиноста на шесте осомничени лица.
„Сметам дека треба што побрзо да се донесе пресуда за да се ослободат конечно. Тие се уште се затворени бидејќи им се поставени ограничувања. Не дека јас сакам по секоја цена да биде во полза на нашите семејства, но сакам судењето да биде во полза на правдата. Се надевам и апелирам до јавното и до специјалното обвинителство да ги соединат доказите и да излезат со став и сторителите на делото да ги изнесат пред закон“, вели роднината Бедри Хајдари.
Пред судот ќе се појават Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири на кои им беше определена мерки на претпазливост, но не и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ чии меѓународни потерници сè уште се активни, иако тие со години се на Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција, бидејќи тврдеа дека не биле доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.
Петкратното убиство беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро.
Пет години потоа: Дали „бомбите“ ја кријат вистината за Смилковско