Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека очекува Косово годинава да постигне историска спогодба со Србија која не би морала да значи признавање на независноста, но која на Приштина ќе и овозможи место во Обединетите нации.
Тачи во интервју за новинската агенција Ројтерс, што го пренесува Танјуг, наведува дека спогодбата ќе донесе целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
– Договорот меѓу Косово и Србија кој верувам ќе биде постигнат во 2018 година, ќе биде историски и сеопфатен и ќе резултира со членство на Косово во ОН, смета Тачи.
Тој додаде дека основањето на Специјалниот суд за злосторства на Ослободителната војска на Косово е „историска неправда“, но оти Косово го основал тој суд за да го задржи стратегиското партнерство со САД, ЕУ и НАТО.
Прашан што би сторил доколку биде повикан пред Судот како сведок или обвинет, Тачи во интервјуто вели дека ниту тој како претседател, ниту кој било граѓанин на Косово нема причини да се плаши.
-Ние никогаш не ги прекршивме косовските, ниту меѓународните закони. Се боревме против диктатор и човек кој изврши геноцид, нагласи Тачи, мислејќи на поранешниот југословенски и српски претседател Слободан Милошевиќ.