Државната комисија за спречување на корупција утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови во финансирањето на политичката партија ДУИ, соопшти Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТМИ).
По анализа на Годишниот извештај за членарини и донации за 2016 година, ТМИ забележале дека на листата како донатори се јавувале и претпријатија како АД Македонска пошта, АД Аеродроми на Македонија и ЈП Македонски железници, што е спротивно од Законот за спречување на корупција и Законот за финансирање на политичките партии.
ДКСК утврдиле дека сомневањата изнесени во претставката на ТМИ се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот.
Антикорупциска ја предала документацијата во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошна постапка.
Инаку во својот Годишен извештај, ДУИ покрај АД Македонска пошта, АД Аеродроми на Македонија и ЈП Македонски железници, ги има наведено како донатори и Општина Липково, Дирекцијата за заштита и спасување како и Министерството за правда, со образложение дека се работи за членови на ДУИ кои работеле во овие институции а кои донирале во партијата.