Владимир Путин е реизбран за претседател на изборите во Русија, што се одржаа вчера, освојуваќи 76,67 од гласовите, покажуваат податоците на изборната комисија од обработени 99,9 отсто ливчиња.
Со тој резултат, Путин си го подобри рекордот од 2012 година кога освои 64% и помина подобро отколку што покажуваа анкетите пред избори.
Според изборната комисија, одѕивот бил 67,4 проценти, на претходните избори таа цифра била 65 проценти.
Обраќајќи се на собирот во Москва, Путин рече дека гласачите “ги потврдија постигнувањата во последните неколку години”.
Во изјавата за новинарите откако беа објавени резултатите, тој се пошегува на прашањето, дали би се кандидирал за уште еден мандат.
-Ова што го кажувате е малку смешно. Дали мислите дека би останал тука додека наполнам 100 години? Секако дека не, одговори тој.
Путин се наоѓа на чело на Русија, било како премиер или како претседател од 1999 година.
Откако на најголемиот конкурент на Путин, опозиционерот Алексеј Навални, му беше забрането да се кандидира, од седуммината конкуренти, најблиску дојде комунистичкиот кандидат Павел Грудинин, кој доби околу 12 отсто од гласовите.
Потоа следуваат новинарката Ксенија Собчак и ветеранот-националист Владимир Жириновски со помалку од 2% и околу 6%.
Ваквиот резултат од тимот што ја водеше кампањата на Путин го нарекоа”неверојатна победа”.
-Процентот говори сам за себе. Тоа е мандат што му е потребен на Путин за идните одлуки, а му претстојат многу, изјави портпаролот на штабот за Интерфакс.
Полнење гласачки кутии и присилно гласање
Но видео снимките од избирачките места покажуваат нерегуларности во голем број градови низ цела Русија. На некои од нив се гледа како членовите на комисиите ги полнеле кутиите со гласачки ливчиња.
Комиссия №268 в Кемерово решила, что шарики – хороший способ закрыть видеокамеру и спокойно приступить к подсчету https://t.co/zJSNxoH8i5 pic.twitter.com/qMwJCkTZO1
— Движение Голос (@golosinfo) March 18, 2018
Независната група за следење на изборите, Движење Голос во текот на целиот ден известуваше за стотици нерегуларности, како: полни гласачки кутии пред да се отворат гласачките места, на набљудувачите им било забрането да влезат на некои избирачки места, носење гласачи со автобуси, на камерите на гласачките места биле поставувани балони и други препреки. Во некои области, во продавниците во близина на гласачките места била нудена бесплатна храна и попусти.
Но, Ела Памфилова, претседателка на Централната изборна комисија, ги отфрли овие забелешки и рече дека нема сериозни прекршувања.
-Ние анализиравме и следевме се што можевме и се што пристигна. Досега сето тоа е незначчајно, изјави таа на состанокот на комисијата, говорејќи за нерегуларностите.
Таа претходно кажа дека секој кој ќе вклучен во нерегуларности, ќе биде фатен.
Вчерашното гласање беше прво што Русија го спроведува на Крим, откако тој беше анектиран во 2014 година. Митингот на Путин се совпадна со годишнината од анексијата.
Анексијата беше жестоко оспорена од Киев и ги засили тензиите меѓу Русија и Западот. Русите што живеат во Украина не биле во можност да учествуваат на гласањето, бидејќи пристапот до руските дипломатски мисии бил блокиран од властите на Киев.