Вечерва најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ ќе одржи седница на Извршниот комитет, а веднаш потоа и седница на Централниот Комитет на кои ќе се одлучува дали пратениците на партијата ќе се вратат во работата на Собранието.Партиски извори за НОВА не сакаа да прогнозираа каков ќе биде исходот од седницата, бидејќи како што велат има аргументи и „за“ и „против“ одлуката да се вратат во Парламентот.
Во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски вели дека ако донесат одлука да се вратат во Собранието, веднаш ќе поднесат интерпелација за работењето на Владата.
„Ако се врати во Собранието, ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на голема врата. Доколку одлучи да се врати, првиот момент што ќе го направи е ќе поднесе интерпелација за работењето на Владата, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги образложат сите оние злоупотреби и грешки што оваа владејачко мнозинство во изминатите десет месеци и ги нанесе на нашата татковина, а ќе можеме да видиме како владејачкото мнозинство ќе одговори на тие прозивки“ вели Мицкоски.
Тој повторува дека за нивното враќање во Собранието има два услова – математички и политички.
„Политичкиот услов, можам да кажам, очекувам многу брзо да биде надминат, да бидат исполнети нашите барања, коишто одат во паралелна насока заедно со преговорите во однос на реформските закони, кои се многу важни за иднината на оваа држава, бидејќи нас не интересира иднината и реформите во оваа држава.Ние имаме сопствени барања и тој документ ќе биде наскоро презентиран пред јавноста. Вториот услов е математички, којшто можеме да кажеме еве во најголема мерка е исполнет, иако бевме сведоци на злоупотреба на мерката притвор. Пет лица беа ослободени 24 часа,за потоа повторно на груб начин да бидат вратени во затвор“ вели Мицкоски.
За 27 април кога се случи упадот во Собранието, Мицкоски вели дека тогаш бил пред Собранието, но не влегол внатре.
„Во тој период бев член на ИК на ВМРО ДПМНЕ и директор на ЕЛЕМ – кога видов што се случува се упатив таму и останав надвор пред Собранието,не влегов внатре и останав со народот. Потоа се вратив на работа, па во седиштето на партијата,, вели Мицкоски.
ВМРО ДПМНЕ ја напушти работата на Собранието на почетокот на декември, кога беа приведени шест нивни пратеници за настаните од 27 април.