Новак Ѓоковиќ не успеа до трето коло на АТП Мастерсот од Серија 1.000 во Мадрид што се игра за награден фонд од 6.685,828 милиони долари. Британецот Кајл Едмунд беше подобар од најдобриот српски тенисер во моментот со 6:3, 2:6, 6:3 и во наредното коло ќе игра со Давид Гофан од Белгија.
Србинот беше на ниво од триумфот со Кеи Нишикори само во вториот период од мечот за разлика од Едмунд кој го истакна сиот свој квалитет во воведниот и во решавачкиот сет и за час и 42 минути ја архивира највредната победа во неговата кариера, прва над Ѓоковиќ во четвртото соочување досега.

Мечот меѓу Ѓоковиќ и Едмунд почна со задоцнување од неколку секунди. Причина беше „ситното“ доцнење на поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Бразилецот Роналдо. Но, тој не беше единствен фудбалер на трибините што дојде да го проследи настапот на Ѓоковиќ. Два реда зад него во ложата седеше и актуелниот член на „галактикоси“, Хрватот Лука Модриќ, но и покрај нивната поддршка, Србинот го положи оружјето на силниот турнир во мадридската „магична кутија“.
АТП Мастерс во Мадрид – награден фонд 6.685,828 милиони долари
Резултати, 2 коло
Едмунд (В. Британија) – Ѓоковиќ (Србија) 6:3, 2:6, 6:3
Куевас (Уругвај) – Рамос (Шпанија) 6:1, 6:7, 6:2
Андерсон (Ј. Африка) – Кукушкин (Казахстан) 5:7, 7:6, 6:2
Гофан (Белгија) – Хасе (Холандија) 7:5, 6:3
Колшрајбер (Германија) – Баутиста (Шпанија) 6:3, 4:6, 7:5