Двајца обвинети за нападот врз пратеникот Зијадин Села Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески ќе се бранат од слобода – ќе бидат ослободени од куќен, односно од затворски притвор. Оваа одлука судот ја донесе откако на денешното рочиште за нив обвинението беше преквалификувано од убиство во обид, во насилство.
Судот им одреди мерки на претпазливост односно одземање на пасошите и пријавување во судот еднаш неделно.
Адвокатот на Зијадин Села, Абидин Абдули пак изјави дека во соработка со Јавниот обвинител во моментов се изготвуваат нови обввиненија, односно обвинението за нападот ќе се проширува, бидејќи постојат докази дека во нападот на Села се инволвирани и други луѓе.
Следното рочиште е закажано за 11 јуни.
Обвинителството денеска го повлече обвинението во целост за Сашко Сенков кој беше еден од обвинетите за обид за убиство на Зијадин Села. Обвинителството се откажа од гонење на Сенков, затоа што новите видео докази покажале дека тој имал поинаква улога во настаните на 27 април, а поврзани со нападот врз пратеникот Зијадин Села. Попладнево тој ќе излезе од притвор, изјави неговиот адвокат Рубин Двојаков, која најави дека ќе побараат оштета за секој ден поминат во притвор досега. Сенков беше во притвор околу 7 месеци.
Денешното рочиште накусо беше прекинато, откако на еден од обвинетите Александар Јаневски Тошта му се слоши откако судот соопшти дека за него останува обвинението за убиство во обид.
Претходно обвинетиот Јаневски и се обрати на судијката и праша: „Зошто ме судите за убиство во обид кога се знае кој го кренал телефонот од горе. Ме судите зашто сум основач на ВМРО“, кажа Јаневски, по одлуката на Обвинителството за него да не се менува обвинението за обид за убиство.
По ова, тој се струполи на земја, а судијката побара од присутните да ја напуштат судницата. Беше повикана Брза помош која го изнесе Јаневски од Судот. Според информациите од обвинителот, тој се наоѓа на скопските клиники.