Шест дена по пласманот на Светското првенство во Русија, Австралија остана без селектор. Анге Постекоглу се повлече од функцијата без особено образложение, па Фудбалската федерација се најде во тесно да бара нов кормилар за настанатата празнина да биде пополнета во најкус можен рок. Решение најдоа во Берт ван Марвајк за кого Австралијците веруваат дека ќе знае дополнително да ја подигне играта на тимот.
За нив ова ќе биде петто учество на мундијалите, четврто во низа по дебито во 1974 година. Најдобриот ефект го имаа на турнирот во Германија во 2006 година на кој играа во осминафиналето, фаза во која загубија од, тогаш, идниот шампион, Италија. И тоа на непријатен начин, со гол од пенал на Франческо Тоти во 95 минута.
Двајца играчи се нераскинливо врзани со фудбалската репрезентација на Австралија во последните години, двајцата се ветерани и двајцата направија имиња во Англија. Едниот е Миле Јединак кој моментно игра за Астон Вила, капитен е на тимот и својата класа ја потврди со три погодоци против Хондурас во дополнителниот бараж за Русија. Вториот е Тим Кејхил кој, и покрај своите 37 години, и натаму важи како амајлија за „сокероси“. Поранешниот член на Евертон запиша 11 гола во квалификациите за СП 2018 вклучувајќи и двата решавачки во азискиот реванш бараж со Сирија.
Австралија има уште четворица фудбалери во англиската премиерлига и уште тројца во Чемпионшип дивизијата, но сите не влегоа во списокот на Ван Марвајк. Многу нешта на претстојниот мундијал ќе зависат од Арон Мој од Хадерсфилд кој две сезони го носеше и дресот на Манчестер сити. Прв избор за голманската позиција е Мет Рајан од Брајтон, со искуство од Островот во составот се и Масимо Луонго од Квинс Парк Ренџерс и Џексон Ирвајн.
„Сокероси“ имаат група во која може да се надеваат на пробивање во нокаут фазата. Ако се изземе на Франнција, ќе може да се надигруваат и со Данска и со Перу во борбата за второто место што ќе значи повторување на успехот од пред 12 години.
Конечен список на Австралија за СП 2018
Голмани
Мет Рајан (Брајтон)
Дени Вуковиќ (Генк)
Бред Џонс (Феенорд)
Одбрана
Азиз Бехиќ (Бурсаспор)
Милош Дегенек (Јокохама маринос)
Метју Џурман (Сувон блувингс)
Џејмс Мередит (Милвол)
Џош Рисдон (Вестерн Сиднеј)
Трент Сеинсбјури (Грасхоперс)
Среден ред
Миле Јединак (Астон Вила)
Џејкон Ирвајн (Хал сити)
Роби Крусе (Бохум)
Масимо Луоинго (Квинс Парк Ренџерс)
Марк Милиган (Ал Ахли)
Арон Мој (Хадерсфилд таун)
Том Рогиќ (Селтик)
Џејмс Троизи (Мелбурн виктори)
Напад
Тим Кејхил (Милвол)
Томи Јуриќ (Луцерн)
Метју Леки (Херта)
Ендру Небут (Урава ред дајамондс)
Димитри Петратос (Њукасл џетс)
Даниел Арзани (Мелбурн сити)
Селектор: Берт ван Марвајк
МЕЧЕВИ НА СП 2018
Франција – Австралија (16 јуни, 12 ч.)
Данска – Австралија (21 јуни, 14 ч.)
Австралија – Перу (26 јуни, 16 ч.)
Резултати во подготвителниот период
Унгарија – Австралија 1:2
Австралија – Чешка 4:0
Колумбија – Австралија 0:0
Норвешка – Австралија 4:1
Лична карта на Австралија
ФИФА ранг листа: 36 место
Прекар: Сокероси
Настапи на СП: 4
Најдобар пласман: осминафинале во 2006 година
Настапи на Азиски куп: 3
Најдобар пласман: шампиони во 2015 година
Настапи на Куп на нации на Океанија: 6
Најдобар пласман: шампиони во 1980 година, во 1996 година, во 2000 година и во 2004 година
Најдобар стрелец: Тим Кејхил – 50 гола
Најмногу настапи: Марк Шварцер – 109 меча
Прв меѓународен меч: Нов Зеланд – Австралија 3:1 во 1922 година
Најубедлива победа: Австралија – Американска Самоа 31:0 во 2001 година
Најубедлив пораз: Австралија – Јужна Африка 0:8 во 1955 година