Три репрезентации како апсолутни фаворити со минимални победи против три репрезентации како аутсајдери во мечевите на седмиот ден на Светското фудбалско првенство. Со гол се задоволија и Португалија и Уругвај и Шпанија што за дел од нив значеше осминафинале, а за дел како голем исчекор кон вториот круг на шампионатот. Иако се очекуваа голеади со три, четири и повеќе реализации, сепак, пресметките во Москва, во Ростов на Дон и во Казањ донесоа минималци во корист на пиринејските соседи и на претставникот од Јужна Америка.
https://www.youtube.com/watch?v=eod7D35z9uQ
Португалците на „Лужники“ го совладаа Мароко со 1:0. Резултатот беше отворен и воедно затворен уште во четвртата минута со погодокот на Кристијано Роналдо, а сè што се случуваше во преостанатите 86. минути беше измачување од нив. Африканскиот состав дури беше подобар ривал од португалската дружина на ѕвездата на Реал Мадрид, имаше игра, создаваше шанси, упатуваше закани само, за жал, израмнување не дочека. Поразот на Мароканците значи и крај на нивните надежи за осминафинале на мундијалот во Русија со оглед дека загубија и од Иран (0:1) во првото коло.
Еден гол го реши победникот и на „Ростов арена“ меѓу Уругвај и Саудиска Арабија. И тој беше постигнат во првото полувреме, само што за разлика од московската фудбалска претстава, потписник на трите бода во Ростов на Дон беше ѕвездата на Барселона, Луис Суарез. Поразената селекција и во тој меч се прости со сонот за нокаут фаза на завршниот турнир. Саудијците на стартот загубија и од Русија со 0:5.
https://www.youtube.com/watch?v=okGSrD-DVQY
Круна на денот беше настапот на Шпанија. Мечот за вадење од претходните два, заврши како и нив. „Фурија“ славеше над Иран со 1:0 на „Казањ арена“ во Казањ со среќен гол во 54. минута. Запишан му е на Диего Коста и дојде по карамбол со еден од иранските дефанзивци пришто топката заврши во мрежата на Беираванд. До решавачкиот момент и по него, само кружење на шпанските ѕвезди околу противничкиот казнен простор.
Светско првенство во фудбал
Група А
Резултати, 2 коло
Уругвај – Саудиска Арабија 1:0
Русија – Египет 3:1
Табела: Русија 6, Уругвај 6, Египет 0, Саудиска Арабија 0.
Идно коло: Уругвај – Русија (25 јуни, 16 ч.), Саудиска Арабија – Египет (25 јуни, 16 ч.)
Група Б
Резултати, 2 коло
Иран – Шпанија 0:1
Португалија – Мароко 1:0
Табела: Шпанија 4, Португалија 4, Иран 3, Мароко 0.
Идно коло: Шпанија – Мароко (25 јуни, 20 ч.), Иран – Португалија (25 јуни, 20 ч.)