Амнестија за судските постапки што се водат, а кои произлегоа по објавувањето на прислушуваните разговори, нема да има, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
– Не постои никаква можност за амнестија, директна или индиректна, за случаите за кои се води постапка, а кои произлегоа од објавените „бомби“, рече Бошњаковскии на денешната прес-конференција во Владата.
Како што објави НОВАТВ повикувајќи се на собраниски извори, на средбата завчера вечер од ВМРО ДПМНЕ побарале да се избрише членот 165-а од Кривичниот Законик, поради што, разговорите биле прекинати околу полноќ.
Членот 165 -а од Кривичниот закон се однесува на „злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“ и конфискација на незаконски обезбедените средства.
,,Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничување на средствата дозволени за изборната кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години“, пишува во овој член.
Барањето да се избрише членот 165 -а од Кривичниот законик, од власта го толкуваат како обид на опозицијата, поранешното раководство на ВМРО ДПМНЕ да избегне кривична одговорност за „Титаник“ во кој Груевски, Јанкулоска и Јанакиески, Мартин Протоѓер, поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, екс генералниот секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски и уште 15 лица се товарат за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.