Италијанските фудбалски гиганти, Јувентус и Милан договорија зделка што одекна како бомба на Апенините. На „Сан Сиро“, на позајмица, се сели Гонзало Игуаин, а во спротивен правец замина Леонардо Бонучи и 23 годишниот одбранбен фудбалер, Матија Калдара. Ова е епилог од состанокот меѓу Леонардо, спортски директор на „росонерите“, со менаџерот на Аргентинецот и неговиот брат што траеше до три часот утрово. Двете страни си подадоа рака, откако најдоа компромисно решение за Гордиевиот јазол што се однесуваше на платата на напаѓачот.
Игуаин бараше годишна заработувачка од девет милиони евра, но конечниот договор падна на седум и пол милиони колку што добиваше и кај „старата дама“. Милан се обврза на Јувентус да му исплати 18 милиони евра, но презеде и обврска да го откупи неговиот договор по завршување на сезоната 2018/19 за двојно поголема сума. Со тоа „росонерите“ ги потврдија високите амбиции што ги најавуваат за претстојното издание на Серија А и ќелбата на новото раководство да го врати клубот на стари патеки. Дилема во моментот се условите по кои Бонучи се враќа во Јувентус од причина што на кормилото на „бјанконерите“ е Масимилијано Алегри кој беше причина за заминување на централниот дефанзивец во минатото лето.