Шкендија ниту по третпат во низа не успеа да се пласира во групите во Лига Европа. Тетовци имаа се овојпат на своја страна, домашен терен, публика, судија по мерка, посед на топка, игра, многу шанси и два промашени пенала, но, се чини, к’смет немаа за клупска историја.
Бесарт Ибраими го изнуди првиот пенал во 20. минута и му пркосеше на непишаното правило да не шутира. Презеде одговорност, но Андре Хансен ја прочита избраната страна и спречи водство на „црвено-црните“.
Напаѓачот на Шкендија се избори и за втор казнен удар во 49. минута, но топката ја препушти на Изаир Емини. Ефектот ист. Колегата од навалната линија ја одбра истата страна како и Хансен чија мрежа остана да мирува вечерва на „Филип Втори“ арена.
Казната ги стигна тетовци во последните половина час. Евен Ховланд погоди во 67. минута за водство на Розенборг со 0:1, точка на натпреварот ставо Торе Региниусен во 84. минута.
Ждрепката за групната фаза во Лига Европа е утре попладне во Монако.