Косово ќе биде ривал на фудбалската репрезентација на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации. Најмладата членка на УЕФА вечерва во Приштина го совлада Азербејџан со 4:0 во завршното коло во групата 3 и се најави како гостин на „црвено-жолтите“ во наредната фаза.
Хет-трик на стадионот „Фадил Вокри“ постигна Арбер Зенели во 2. минута, во 50. минута и во 76. минута, во меѓувреме погоди и Амир Рахмани во 61. минута за убедлив триумф на домашната селекција.
Во второто полуфинале во Д Лигата на нации ќе играат Грузија и Белорусија. Победниците во полуфиналните мечеви ќе разигруваат во финале за место на Европското првенство во 2020 година.