Нов катастрофален пораз на женската кошаркарска репрезентација на Македонија за неславен крај во квалификациите за Европското првенство во 2019 година. Хрватска во Жабок го совлада составот на Марјан Лазовски со 90:27 во натпревар без резултатско значење за обете селекции.
Македонија во само една четвртина (првата) постигна двоцифрен број поени (11), во вториот и во последниот период уфрли по пет, а третиот го заврши со шест. Најефикасна беше Митрашиновиќ со 14 коша (4/14 за два поена, 2/9 за тројка) на која друштво во листата на стрелци доби од само три свои колешки – Кметовска реализира седум (3/12 за два поена, 1/2 слободни фрлања), Коџобашиовска четири (2/6 за два поена) и Николиќ два (1/3 за два поена).
Македонските кошаркарки завршија како најслаби во квалификациската Х група за ЕП 2019 во којаги загубија сите шест меча – од Италија со 52:61 и 33:93, од Хрватска со 47:108 и 27:90 и од Шведска со 51:91 и 48:118 со вкупна кош разлика 258:561.
Ако е некаква утеха што не смее да биде, послаба е само Албанија која го заврши циклусот со 266 постигнати коша и дури 811 примени. Покрај овие две селекции, триумф не забележаа ниту Исланд, Естонија, Финска, Бугарија и Швајцарија.