Мешков Брест и Вардар за првпат одиграа без победник во оваа ракометна сезона. По триумфот на Белорусите во СЕХА лигата со 35:20 и на „црвено-црните“ со 30:23 во првото соочување во групата А во Лигата на шампиони, попладнево конечни 31:31 во реваншот од елитното натпреварување на ЕХФ. Бод за македонскиот првак осигура Кристијан Дизингер со погодокот во завршните десетина секунди од средбата.
„Задоволен сум од резултатот ако се има во предвид што се случуваше во второто полувреме. Многуте исклучувања ја нарушија нашата игра и моравме постојано да бркаме негатива“, изјави вардаровиот тренер, Роберто Гарсија Парондо.
Домашниот состав беше за гол подобар во првиот дел (14:13), но продолжението донесе сериозно заостанување на европскиот шампион од 2017 година. Мешков Брест во еден момент имаше плус шест (27:21) што на крајот, сепак, се покажаа недоволни за триумф. „Црвено-црните“, кои играа без повредените Рожерио Мораеш и Вуко Борозан, успеаја да се надминат и покрај големиот број на двеминутни санкции и да избегнат четврти пораз во конкуренцијата.
Даинис Кристопанс беше најефикасен на натпреварот со осум гола, еден повеќе од првиот стрелец на Мешков Брест, Дарко Ѓукиќ. По пет за Вардар додадоа Кристијан Дизингер и Тимур Дибиров.
Со овој бод, вардарци се искачија на третото место на табелата со 11 бода, пет помалку од водечката Барселона која славеше на гости кај Кјелце со 42:36.
Вардар во наредното, десетто коло на 2 декември, ќе игра на домашен терен со Кјелце.