Горан Пандев има нов тренер. Кормилото на Џенова му е доверено на поранешниот селектор на Италија, Чезаре Прандели со кого „аѕурите“ играа финале на ЕП 2012, а негова цел со тимот од „Луиџи Ферарис“ ќе биде опстанокот и што побрзо оддалечување од опасната зона на табелата во Серија А.
Прандели ја презема соблекувалната на Џенова од Иван Јуриќ кој во третиот мандат во екипата се задржа нецели два месеца. Првиот ангажман на Хрватот почна во јуни во 2016 година (го наследи неговиот ментор Џанпјеро Гасперини) и заврши во февруари наредната година по убедливиот пораз од, тогаш, последнопласираната Пескара со 0:5.
Два месеца подоцна се организира нова промоција на „Луиџи Ферарис“ во негова чест (го наследи Андреа Мандорлини), а на 9 октомври оваа година и по третпат се нафати да работи со првата екипа како наследник на Давиде Балардини. Но, поразот на пенали од третолигашот Виртус Ентела во италијанскиот Куп го чинеше губење на работното месето.
По 14. одиграни кола во Серија А, тимот на Џенова е на 14. позиција на табелата со 15 бода, само четири повеќе од зоната на испаѓање. Пандев и соиграчите во недела (18 часот) се домаќини на СПАЛ.