Отворањето на границата со Косово е само почеток, истакна, меѓудругото, албанскиот премиер, Еди Рама во новогодишното обраќање до нацијата. Во плановите за иднина најави слично сценарио и со Македонија, со Црна Гора и со Грција.
„Верувам дека границата меѓу Косово и Албанија на пролет ќе биде по критериум на Шенгенскиот договор. Во блиска иднина очекуваме по ист принцип да бидат модифицирани и границите со Македонија, со Црна Гора и со Грција. Со таква пракса ќе продолжиме до стапување во Европската унија“, нагласи Рама, а пренесува „Газета Обсервер“.
Ваквата најава од Рама доаѓа по три дена (29 декември) од огласувањето на косовскиот премиер Рамуш Харадинај кој на својот Фејсбук налог напиша дека „од тој не постои граница меѓу Косово и Албанија“.