Хрватска се покажа како преголем залак за Македонија. „Коцкестите“ на Лино Червар славеа над составот на Раул Гонзалез со 31:22 (полувреме 16:11) во меч од третото коло во групата Б на ракометното Светско првенство во Германија и Данска.
Македонската репрезентација се држеше на пристоен минус од три до четири гола до завршните десет минути. А, во нив се „загуби“, Хрватите притиснаа на гас и безбедно, на крајот и убедливо, го приведоа натпреварот до крај.
По шест гола постигнаа Домагој Дувњак за Хрватска и Дејан Манасков за Македонија, пет реализира Кире Лазаров, по трипати поентираа Жарко Пешевски и Филип Талески.
Ова за Македонија е петти пораз од Хрватска на завршните ракометни смотри и воедно втор најубедлив по оној на Европското првенство во 2016 година кога разликата беше десет гола во корист на Хрватите.
Утре е слободен ден на првенство, а настапите за „црвено-жолтите“ продолжуваат во среда 0д 20.30 часот против Шпанија.