Хрватска е со максимален ефект по три одиграни меча на ракометното Светско првенство во Германија и во Данска. Нејзиниот селектор Лино Червар изрази задоволство по вечерашниот триумф над Македонија и убеден е дека и „црвено-жолтите“ ќе продолжат во главната фаза во Келн. Барем според по изјавата по мечот ако се чита меѓу редови. Убеден е дека двата освоени бода денеска ќе бидат пренесени во вториот круг во кој се пренесуваат само бодови од дуели со репрезентации што, исто така, ќе бидат присутни во „Ланксес арена“.
„Функциониравме одлично во одбрана, интелигентно во напад и имавме контрола во натпреварот. Бевме подобри во играта седум на шест, а Македонците не го користеа седмиот играч на терен колку што посакуваа. Многу добро ги анализиравме и победивме. Задоволен сум бидејќи овие два бода ги пренесуваме во втората фаза“, изјави Червар по мечот.
Домагој Дувњак ги предводеше „коцкестите“ со шест гола, голем придонес во победата имаше и голманот Марин Шего кој го заврши мечот со 12 одбрани и беше најзаслужен за водството со пет гола на Хрватска по првиот дел.