Еден од најдобрите светски тенисери ги одбројува деновите на преодната фаза од ерген до сопруг. По поразот од Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен, Шпанецот Рафаел Надал обзнани дека 14 годишната врска со Марија Франческа Перејо ќе ја круниса со брак на Мајорка, објави шпанскиот магазин „Ола“.
Двојката се сврши во мај во 2018 година за време на романтичното патување во Рим. Осум месеци подоцна, вториот светски рекет реши да оди скалило погоре и да стапне на лудиот камен.
„Сакам да формирам семејство. Сакам деца и сакам моите деца да работат она што сакаат“, рече во една прилика Рафа чија изјава ја пренесува „Ола“.
Марија Перејо или Чиска како што популарно ја нарекуваат шпанските медиуми, може да се забележи како честа поддршка на Надал на големите турнири. Покрај што го следи во чекор својот иден сопруг, таа е ангажирана на многу проекти во фондацијата на Надал во која и работи.
Надал имаше одличен вовед во новата сезона и покрај поразот во финалето на гренслемот во Мелбурн. Шпанецот предвреме ја заврши ланската сезона поради повреда, последниот настап го имаше во Њујорк на Ју-Ес опен, во ноември се подложи и на операција на зглобот, а долгата пауза не претставуваше проблем за пробивање до мечот за титулата на Австралија опен без загубен сет.