Футсал репрезентацијата на Македонија со победа го започна настапот на турнирот во Скопје во претквалификациите за Светското првенство во Литванија во 2020 година. Избраниците на Иван Божовиќ во првото коло ја совладаа Грција со 5:3 и на најдобар можен начин ги најавија амбициите за лидерската позиција на табелата во групата Ц.
Двоен стрелец за македонскиот национален тим беше Иван Крстевски со чии погодоци во 39. минута и во 40. минута практично беше решен победникот во СЦ „Јане Сандански“. По еднаш во противничката мрежа „стрелаа“ Димче Андов во третата минута, Садат Зибери во 10. минута и Зоран Левески во 16. минута. За грчкиот состав реализираа Харалампос Ставракопулос во 30. минута и Димитриос Нтарлас во 32. минута од пенал и во 36. минута.
Во првиот меч во групата, Албанија со убедливи 5:0 го порази Сан Марино.
Утре (петок) се дуелите од второто коло во кое од 17.30 часот ќе играат Грција и Албанија, а од 20.30 часот и пресметката меѓу Македонија и Сан Марино. Сабота е слободен ден на турнирот што завршува во недела со натпреварите Сан Марино – Грција (17.30 ч.) и Албанија – Македонија (20.30 ч.).
Најдобрите две селекции од секоја група ќе продолжат во главната фаза што е закажана од 22 до 27 октомври оваа година.