Кандидатурите на пратеникот Влатко Ѓорчев, на професорката Гордана Силјановска и на Филип Петровски се меѓу осумте што се официјално пристигнати во опозициската ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија. Останатите пет имиња се чуваат во тајност.
Рокот за поднесување на претседателски кандидатури во ВМРО ДПМНЕ заврши во четвртокот, но партијата остави простор од 48 часа за апликациите што се пратени по пошта. Сите пријавени ќе бидат „чешлани“ од комисија чие заседавање е најавено за викендот со задача да утврди дали пријавените ги исполнуваат условите.
Оние кои ќе минат на комисиски филтер ќе добијат шанса за промоција во општинските ограноци пред, конечно, да побараат доверба и од 530. партиски делегати на најавениот Конгрес во Струга.