Горан Пандев, покрај македонско државјанство, доби и италијанско. Капитенот на националниот фудбалски тим и моментно член на Џенова, речиси, цела кариера ја мина на Апенините со исклучок на сезоната 2000/01 во Беласица и на 2014/15 во Галатасарај и во сиот изминат период настапуваше за шест клуба.
По првиот трансфер во Интер мина по една година како позајмен играч во Специја, па Анкона. Разделбата со „нероаѕурите“ се случи во 2004 година кога се пресели во Лацио чиј дрес го носеше до 2009 година.
Потоа (2009-2012 година) следуваше кам-бек на „Џузепе Меаца“ и нова соработка со Интер под водство на Жозе Мурињо. Притоа го забележа и најголемиот успех во клупската кариера со освојувањето на Лигата на шампиони како и Светското клупско првенство на ФИФА.
Неодамна во интервју за „Газета дело Спорт“ порача дека има желба да остане во Италија уште една сезона, по можност во Џенова, по што би ставил крај на професионалната кариера. Во меѓувреме рече дека посакува пласман со Македонија на Европското првенство во 2020 година.