Годинашното издание на Ролан Гарос ќе има за осум отсто поголем награден фонд од лани, соопштија организаторите на Отвореното тениско првенство на Франција. Гренслемот во Париз е закажан од 26 мај до деветти јуни и ќе се игра за 42.661 милиони евра.
Победниците во машка и во женска конкуренција ќе заработат по 2,3 милиони евра што е за 4,55 отсто повеќе од 2018 година. Повредни чекови ќе добијат и поразените во финалето и тоа за 5,36 отсто (1,18 милиони евра).
Најголемо зголемување е планирано за тенисер(к)ите кои ќе се пробијат до главниот турнир низ квалификациите, па успешно минување на трите кола ќе значи инкасирање на 46.000 евра. Оние, пак, кои ќе бидат поразени во последното квалификациско коло ќе заработат 24.000 евра што е за 14.29 отсто од лани.
За шампионите во машки и во женски двојки се планирани 580.000 евра, двојно повеќе од поразените што и во двете конкуренции е пораст на паричната награда за 3.5 отсто во однос на 2018 година.