Тандемот на Мерцедес пред тандемот на Ферари во јубилејната 1.000 трка во Формула 1 шампионат што утрово ќе се вози за ГН на Кина. Колоната на патеката во Шангај ќе ја поведе Валтери Ботас, а првиот стартен ред го пополни неговиот клупски колега и бранител на титулата, Луис Хамилтон. Финецот имаше само 23 илјадити делови од секундата подобро време од Британецот во официјалните квалификации и по седми пат во кариерата ќе почне од пол-позиција.
Од третата, односно, четвртата позиција ќе тргнат пилотите на тимот од Маранело, Себастијан Фетел и Шарл Леклер по кои ќе следуваат Макс Ферстапен и Пјер Гасли од Ред Бул Хонда, Австралиецот Даниел Рикијардо од Торо Росо, итн.
Ботас е лидер во генералниот пласман меѓу возачите со 44 бода пред Хамилтон кој има 43, а трет е Ферстапен со 27. Трката за ГН на Кина е закажана за 08,10 часот по средноевропско време.