Џенифер Робинсон, адвокатка на уапсениот основач на „Викиликс“, Џулијан Асанж, вели дека Владата на Еквадор ширела лаги за неговото однесување во амбасадата во Лондон во која се криеше од 2012 година. Taa изјави денеска дека еквадорските власти давале скандалозни обвиненија против нејзиниот клиент за да го оправдаат тоа што ѝ дозволија на британската полиција да влезе во нивната амбасада во четвртокот и да го уапси.
Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, оваа недела го укина азилот за основачот на „Викиликс“ со што отвори пат на британската полиција за негово апсење. Асанж во 2012 година се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска поради обвинение за сексуален напад што во меѓувреме беше отфрлено.
Во четвртокот лондонската полиција го уапси Асанж за прекршување на условите за кауција во Велика Британија и врз основа на американската наредба за неговата екстрадиција. Еквадор претходно му го одзеде статусот на азилант, а како причина за тоа наведе „кршење на меѓународни конвенции и дневни протоколи”.
САД го бараат Асанж за објавување на десетици илјади тајни владини документи преку „Викиликс“. Шведска, исто така, размислува да ги обнови истрагите против него за обвиненијата за силување. Робинсон рече дека е подготвена да соработува со шведските власти ако побараат негова екстрадиција, но дека приоритет е да се избегне екстрадиција во САД.
„Џулијан никогаш не се грижеше за справување со британското или со шведското судство. Нашата главна грижа беше и уште е да спречиме да биде испратен во САД“, вели Робинсон.
Следното појавување на Асанж пред судот ќе биде на 2 мај преку видео врска.