Фудбалско чудо во градот на Битлси. Она што наизглед изгледаше невозможно, сепак, се случи. Ливерпул ја понижи Барселона со 4:0 во реванш полуфиналниот меч во Лигата на шампиони и втора сезона во низа ќе игра во мечот за титулата. Каталонците на „Енфилд“ беа фатени на спиење или пак го потценија ривалот или помисија дека работата е завршена уште на „Камп Ноу“. Втора година по ред губат двомеч по три гола разлика од првата средба (лани од Рома) и заслужено се елиминирани од спектаклот на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид на 1 јуни.
Сите играчи на Јирген Клоп се здобија со ѕвездички на вечерта. Меѓутоа ако треба да се издвои некој, тоа е резервистот Жоржињо Вајналдум кој влезе во игра на почетокот на второто полувреме и од 54. минута до 56. минута двапати го совлада Тер Штеген за, во тие моменти, целосно поништување на минусот на „црвените“ од минатонеделното гостување во Шпанија. Првиот погодок беше дело на Дивок Ориги по асистенција на Џордан Хендерсон, а истиот фудбалер и ја заврши вечерашната голеада на Островот во 79. минута за разочарувачки пораз на Лионел Меси и компанија.
https://www.youtube.com/watch?v=Ozd-WlBk7IA
Англискиот состав беше ослабен со неиграњето на Египќанецот Мохамед Салах и на Бразилецот Роберто Фирмино, сепак, прикажа фантастичен перформанс и докажа дека и без нив има капацитет за високи дострели и за победи во тешки ситуации што на прва се чинат неизводливи. Впрочем така беше и на првиот дуел на „Камп Ноу“ за кој светските медиуми го етикетираа како „Ливерпул играше, Барселона давцаше голови“. Меси на тој натпревар го собра сето внимание со двата гола од кои особено атрактивен беше вториот од слободен удар. Седум дена подоцна и тој и соиграчите се фрлени на колена и во мисла што се случи вечерва на „Енфилд“, но одговор нема да најдат уште долго.
Противникот на Ливерпул ќе биде познат утревечер (21 ч.) по реваншот меѓу Ајакс и Тотенхем. Мечот се игра во Амстердам, холандскиот тим има минимнални 1:0 од првата средба во Лондон.