Британскиот тенисер Енди Мареј со победнички кам-бек во меч од натпреварувачки карактер на АТП турот. Поранешниот светски рекет број 1 заедно со Фелисијано Лопез славеа над колумбиската комбинација Хуан Себастијан Кабал/Роберт Фарах (први носители) со 7:6, 6:3 во првото коло во дубл на турнирот во Квинс што вообичаено важи како подготвителен за Вимблдон.
Денешниот настап за Мареј беше негов прв по Австралија опен. По гренслемот во Мелбурн во јануари, тој мораше да се подложи на комплицирана хируршка интервенција на колкот поради што многумина му предвидуваа и крај на кариерата. Можно пензионирање најави и тој лично што како желба го посочи по третиот гренслем во сезоната – неофицијалното светско тениско првенство на лондонската трева.